Бектеши: Финишира реконструкцијата на патот Тетово-Попова Шапка, се градат последните метри од регионалниот пат кој води до најголемиот зимски ски-центар во државата

25.09.2019 15:14:04

Скопје, 25.09.2019  Министерот за економија Крешник Бектеши заедно со директорот на Јавното прептријатие „Македонијапат“  Беким Мемеди денеска изврши увид во реконструкцијата на последниот километар од патот Тетово -Попова Шапка.

Како што информираше министерот Бектеши со реконструкцијата на последните неколку метри од овој важен регионален пат се реализира едно ветување кое што ќе значи многу за локалниот економски развој на овој регион.

“Денеска ми е чест и задоволство заедно со директорот на Јавното претпријатие „Македонијапат“ да извршам увид во изградбата на патот Тетово-Попова Шапка. Можам да кажам дека конечно го реализиравме нашето ветување што е од големо значење за локалниот економски развој. Во моментов се градат последните неколку метри од овој пат кој што е исклучително важен, не само за локалното население, туку и за сите туристи кои што доаѓаат во посета на ски- центарот Попова Шапка. Владата е во тесна соработка со локалното население за да се изнајде решение и за внатрешната инфраструктура на ски –центарот“ истакна министерот Бектеши.

Директорот на „Македонијапат“ информираше дека во моментов се работи на реконструкција на последните неколку метри од регионалниот пат, а очекува до крајот на денот целосно да се завршат градежните работи.

“Во координација и соработка со министерот Бектеши денеска со успех ја завршивме оваа последна фаза од реконструкцијата и изградбата на патот од Тетово до Попова Шапка. Овој пат има големо значење за жителите од полошкиот регион и за развојот на туризмот воопшто“ истакна Мемеди.

Министерот Бектеши информираше и дека во завршна фаза е и пуштањето во употреба на жицницата-шестосед. Во наредните две до три недели , како што информираше министерот се очекува да биде направен техничкиот прием на шестоседот, по што и на почетокот на ски -сезоната ќе биде пуштен во употреба.